In
1. СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА
Филмот на Дина Дума имаше своја премиeра во Скопје на 8 октомври. Конечно публиката може да го види во кино салите. Она што ќе го остави како печат е чувството со кое е направен и длабоката емоција на актерите. Филмот е наградуван и ќе биде наградуван. Затоа што е многу повеќе од филм. Се работи за вистински живот.
2. МОДЕН ВИКЕНД ВО МСУ
Модниот викенд во Скопје на крајот на месец октомври конечно ќе се одржи на вистинската адреса – во Музејот на современа уметност. На модата навистина ѝ е местото во музеј.
3. КАРИРАНО И ПЕЛЕРИНИ
Оваа есен сѐ е карирано и во ромбови, по нешто е пепито. Како седумдесеттите и осумдесеттите од минатиот век да се вратија не само како моден тренд туку и како емоција и носталгија. Џемпер и чорапи со ромбови? Да! Чорапи во Калцедонија, пелерина Стефанел во Магнетик.
4. БУКЕТИТЕ ВО ФРИДА
Има полно цвеќарници, но една е Фрида. Зашто цвеќето треба да знаеш како да го направиш букет, а Ана знае како. Хризантемата е цвеќе на есента што во некои држави носи среќа во домот. Ја имаат во Фрида во сите бои, па и во бојата што владее со модните писти со години – бордо!
5. FABER - CASTELL
Боици и моливи на швајцарската фирма се ремек дело, не само по квалитет туку и на изглед.
6. КОСТЕНОТ ОД ЗВЕЧАН
Македонски костени има сѐ помалку, но бербата во Звечан во Поречието е во тек. Убавиот костен е сѐ поредок и сѐ поскап. Посете ги продавачите на печени костени на плоштад. Есен без костени не е есен.
7. КНИЖЕВНА ОДИСЕЈА НА МРТ
Ивана Павлаковиќ е лицето на емисијата Книжевна одисеја. Ја води со стил и соодветно внимание на делата што ги обработува. Во време кога кај нас сѐ помалку се чита, делата што оставиле траен печат во светската литeратура се од големо значење. За разлика од други емисии, убава и корисна.
8. RAY - BAN AVIATOR
Славниот модел очила на славниот бренд за очила, оваа година слави 90 години. По тој повод е направена цела колекција што ја надминува досегашната имагинација на тема авијатичарски очила. Предизвик за сите колекционери.
Out
1. СТАНОВИТЕ НА ГРУЕВСКИ
Вторпат запленетите станови на Никола Груевски се дадени на продажба и вторпат е прашање кој ќе ги купи. Два стана од по 250 квадрати, а третиот има 180 квадрати. Алчноста на дело. Сите на Водно! Кога се прашувате зошто е ова сиромашна држава, еве една од причините. Искрадена е. Живееме на неорганизирана територија.
2. ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ
Вечните политичари вечно во политиката со тие што се на власт. Сеедно дали е десница, левица, конзеравтивни, слободоумни, кому е гајле ако се обезбеди столица во собрание. Ќе се прилагодат.
3. НОВИ ПАРТИИ
Бившиот член на СДСМ Саша Богдановиќ ќе прави партија. Не е тој виновен. Виновна е партијата за она што му го додели во минатото. Откако не доби ново место во својата матична партија, почна да зборува против неа. Толку е она што е важно да се каже за случајот.
4. ДЕБАТИ
Дебатите се водат во држави што имаат површни проблеми за решавање и луѓе што имаат време за губење. Нас не ни е дојдено времето за дебати, треба пред тоа многу нешто да се сработи, дрвјата да се поткастрат, некое да се засади, ѓубрето да се собере, улиците да се измијат…Не е време за седење и зборување.
5. АЈВАР
Откако разбравме колку пиперки со пестициди над дозволената граница ни вратија од повеќе земји, непознато е кој ќе има храброст да јаде ајвар.
6. ДУПКА ВО ПЕНЗИСКИ ФОНД
Ако фалат пари за пензии, можеа тоа и поинаку да го крстат од дупка. Збор што го повторуваат на секои вести.
7. НЕСЕЛЕКТИРАН ОТПАД
Да не се селектира отпад во 21 век е негрижа за животната средина и граѓаните. Впрочем, тоа го покажува и кратењето на пари за животната средина по последното корегирање на државниот буџет.
8. СКОПЈЕ
За жал, градот е конечно загушен од сообраќај и бетонирање. Непријателски настроен кон своите граѓани што сакаат да пешачат, да дишат чист воздух и да имаат мир. Не постои друг град во светот каде што тротоарите се претворени во паркинзи, а наместо за луѓе се прилагодуваат за автомобили.
9. МАРИЈА МИТЕВА
За она што го работи ѝ треба многу повеќе од фризура и шминка. Особено кога ќе се појави на прес по повод трошењето милиони за прослава на 35 години самостојност.
