Nulta.mk Logo

Добри ли сте?

пишуваат од Редакција Нулта
Објавено

1. КОЈ ЗАМИНУВА, КОЈ ОСТАНУВА

Со години зборувавме за семејното и интимното партнерско насилство како да е природна непогода. Некому му се случува, таква им била среќата и судбината. Лесно е да се зборува за „судбина“ кога е туѓа. Решението што најчесто се нуди се засолништа, таканаречени шелтри, во кои жената ќе се смести, ако има деца, со децата и ете општеството го решил проблемот. Реалноста е дека тие жени го оставаат домот, работата, соседството, децата го напуштаат училиштето и целото свое секојдневие. Го напуштаат својот живот за да се спасат.

 

Насилникот останува дома, во истиот дом, на истата улица, во својот познат комфор. Со истите навики, утрински ритуали и удобности. Овој дисбаланс не постои само заради тоа што засолништата се единственото решение, туку тоа како општество сме го испробале, сме го мултиплицирале и сега на тоа се повикуваме. И ова не е за да кажеме дека не треба да има засолништа. Засолништата се клучни за итна заштита на жртвата, а и нив ги нема. Според Државен завод за ревизија има вкупно 67 легла (од потребните 184) и нивната територијална распространетост е далеку од барањата на Истанбулската конвенција и притоа, дел од нив не ги исполнуваат условите за формирање предвидени со Правилникот за стандардите и процедури за нивно функционирање од аспект на локација, опрема, простор и кадар.  Истовремено само во 2025 имало 4.745 пријави за семејно насилство. А податоците покажуваат дека само околу 2% од жртвите ја контактираат полицијата.

 

Треба да се спомне и (не)казнената политика, досегашната практика покажала дека сторителите на физичко насилство имаат околу трипати поголеми шанси да добијат условна казна отколку ефективна затворска казна. Во 2023, Гревио правеле базична евалуација на имплементацијата на Истанбулската конвенција, но поради недостиг од прецизни податоци за истраги, гонења и казнувања на сторителите, констатирале дека не може да утврди дали сторителите на насилство врз жени, вклучително и фемицид, се изведени пред лицето на правдата, гонети и казнети со ефективни, одвраќачки и пропорционални казни.

2. ШТО СМЕ ПРОБАЛЕ (И ШТО НЕ СМЕ)

Истовремено, работата со сторителите е занемарен дел од равенката. Не зборуваме за програми во затвори, не зборуваме за програми за зависници и алкохоличари, за справување со бес, лутина и траума. Можеби, бидејќи овој пристап се смета за емпатичен спрема некој што уништил туѓ живот. Се смета дека на тој начин „им помагаме, ги толерираме или дури и ги оправдуваме“ насилниците. Не може да биде подалеку од вистината. Мерките на претпазливост, притворите и затворите сами по себе нема да направат многу за да ги одвратат насилниците од повторно насилно однесување. Не можеме да се надеваме дека ќе превенираме било какво (идно) насилство, ако не се работи на основните фактори на ризик за ментално здравје кај машките сторители. Организациите и институциите кои работат со жените жртви можат да решат само еден дел од равенката со тоа што ќе пружат засолниште, психосоцијална поддршка и правна помош, но сите тие услуги се одговор на однесувањето, односно насилството на сторителите. Како да се става ханзапласт на епидемија на насилство.

 

Низ светот се тестираат разни програми за сторители, вклучувајќи резиденцијални установи, каде наместо жртвите да престојуваат во шелтри, насилниците се сместуваат во контролирани, терапевтски средини. Тие веќе покажале ветувачки резултати во пилот-проекти низ Европа и Австралија. Во Норвешка, пилотирале резиденцијални центри за третман каде што мажи живеат под надзор и посетуваат дневна терапија. Евалуациите покажале пониска стапка на рецидивизам кај оние што ја завршиле програмата, во споредба со условна казна. Во Германија, социо-терапевтските институции за насилни сторители покажале подобрена емоционална регулација и намален рецидивизам. Резултатите биле подобри кога било направено поврзување со пробацискиот систем. Во Шпанија, резиденцијалните програми наложени од суд покажале значително намалување на повторните прекршоци во споредба со исклучиво издржување на затворски казни. Во Австралија, пилот-програми од мал обем за „Промена на однесувањето кај мажи“ покажале позитивна ангажираност и намален рецидивизам кај високоризични мажи, иако посочено е дека долгорочниот ефект зависел од пост-третманска поддршка. Евалуациите покажале дека кога резиденцијалните програми се интензивни, терапевтски и внимателно надгледувани, тие можат поефикасно да го намалат насилството отколку исклучиво издржување на мерка затвор или само мерки на забрана за приближување.

 

Кај нас практично и да не постојат програми и установи за работа со зависници и алкохоличари, нема информација за програми за работа со насилници низ затворите, ниту пак за постпенална поддршка. ХЕРА работат со сторители на насилство од 2013 и имаат центар за поддршка и советување на мажи. Останатите советувалишта за психосоцијален третман на сторители на насилство низ државата,  според достапните информации, не се функционални.

 

Резиденцијалните програми за сторители и низ светот се ретки, со мал обем и политички кревки. Зошто се политички кревки? Бидејќи некој треба да поддржи целосен шифт на размислувањето.

3. КАКО СЕКОГАШ ТАКА И СЕГА

Одговорот лежи во односите на моќ и политичките одлуки. Семејното насилство е вкоренето во нееднакви односи на моќ, а креирањето политики историски го одразува тој дисбаланс. Системите, во голема мера дизајнирани од мажи, даваат приоритет на отстранување на преживеаните на безбедно место, наместо на реструктурирање на одговорноста на сторителите. Полесно е правно, политички и финансиски да се прошируваат засолништа отколку да се предизвикаат вкоренети норми со задолжително сместување на сторителите во затворени институции.

 

Се спомнуваат и постојат и правни и логистички пречки. Присилно сместување во затворена институција без кривична пресуда отвора прашања за човекови права. Резиденцијалните програми бараат многу ресурси, обучен кадар и интеграција со правосудните и социјалните служби. А бидејќи најчесто биле само пилотирани, владите се двоумат да инвестираат значително без посилна база на докази.

4. КОРЕНОТ НА ПРОБЛЕМОТ

Еден од основните двигатели на насилството е патријархалниот систем на вредности каде што мажите се социјализирани да бидат доминантни и да имаат контрола, никогаш да не покажуваат ранливост или да бараат здрави начини да ги изразат своите емоции и своите искуства, колку и да се трауматични. Учат дека лутината и агресијата се општествено прифатливи на многу начини. Меѓу факторите што ги прават мажите посклони кон семејно и интимно партнерско насилство се злоупотребата во детството, зависност и проблемите со менталното здравје. Кога тие ќе се измешаат со перцепираните неуспеси на машкоста, што меѓу другото ги налага и капитализмот, како што се финансиската несигурноста и  неисполнување на идејата на општеството за тоа што значи да се биде маж, ризикот почнува да се зголемува. Статистиката покажува дека во светот во повеќе од 50% од случаите (според некои истражувања 70%), насилството е направено под дејство на алкохол. Иако немаме точни податоци, може да се очекува дека статистиката кај нас е слична. Насилниците имаат проблем со справување со емоции, контролирање лутина, злоупотреба на супстанци и разни зависности. Најчесто се реагира предоцна. Предизвикот е како да се гледа простор за интервенција во тие моменти за да се спречат понатамошни трагедии.

 

Во Австралија има и повеќе програми кои се на доброволна основа или со упатување од суд, кои работат на промени во однесувањето кај мажите. Велат дека често работат на решавање на основните проблеми со менталното здравје бидејќи мажите во програмата честопати имаат низа сложени коморбидитети, а повеќето, ако не и сите, имаат комплексна трауматска позадина. Со нив не се работело додека биле деца, не се работело на училиште, не биле заштитени додека биле и самите жртви како деца. Сепак, укажуваат дека сега кога работат со нив, има случаи кога тие веруваат дека нивното однесување е оправдано затоа што некој ја оспорува нивната позиција во таа врска и дека „жените згрешиле“. Потребна е долготрајна работа за искоренување на овие длабоко вкоренети погрешни перцепции. Постојат силни докази дека вакви програми се ефикасни во намалувањето на насилството и злоупотребувачкото однесување.

 

Историјата покажува дека многу работи што денес ни изгледаат нормални, некогаш биле „невозможни“. Ако продолжиме да се фокусираме исклучиво на засолништа и работа со жртвите, наместо паралелно да работиме на сериозна одговорност од страна на сторителите и нивна постепена рехабилитација, едукација на децата и сериозна инвестиција во менталното здравје особено на машките деца од најрана возраст, ќе продолжиме вака, со привид на решенија и реалност во која и психичкото и физичкото насилство останува секојдневие.

Претходни објави